Германски пари за националниот парк Преспа

Волфганг Фремут од Зоолошкото друштво во Франкфурт се ангажира на Балканот. Од банката Ка-еФ-Ве доби три ипол милиони евра, со кои ќе помогне да се создаде еден прекуграничен биосферен резерват во регионот Преспа.

Селаните, можеби илегално, сечеле дрва во една заштитена шумска област, па Васил Мале се обидува да го открие тоа. „Чекајте, застанете ве молам“, ги повикува тој селаните.

„Остави на на мира“, му враќаат тие. „Но, само бараме да ни ги покажете документите“, им вели Мале на дрвосечачите на македонски јазик.

„Овие стари селани од раѓање живеат во подрачјето на националниот парк и одненадеж некој им пропишува каде смеат да сечат, а каде не. Тие уште не сфатија дека ние сакаме повторно да ја пошумиме гората. Но, барем ветија дека во иднина ќе ги носат документите со себе од кои произлегува дека им е дозволено да сечат дрва во одредени делови на шумата“, вели Васил Мале, кој се грижи за заштитата на националниот парк Преспа.

Преспанското Езеро од македонска страна

И Мале, како и двајцата селани, е овде израснат, на албанската страна на Преспанскиот регион. Шумските подрачја во кои илегално се сечат дрва се подзакриени. До нив се стигнува само со моторцикл или со магаре. Мале ја познава шумата како никој друг. Во овој дел, срцето на заштитената област, тој го познава секое дрво.

„Се лутам кога гледам вакво нешто. Тие што прават вакви работи не се сиромашни луѓе од овој крај. Тие, имено, доаѓаат кај нас и ние им даваме парцели во кои смеат да сечат дрва. На местово на кое стоиме, пред 10 години беа само грмушки до колена. Луѓе кои уништуваат една ваква, повторно пошумена гора, не го прават тоа од потреба, туку затоа што сакаат да заработат многу пари“, вели Мале.

На македонската страна е Охридското Езеро. Зоран Спирковски работи во Институтот за хидробиологија. Тој и’ се посвети на заштитата на езерото.

„Со мојава работа ми се исполнува мојот сон. На езерово сум израснат, живеев на десет метри од него и знам како дише, се сеќавам на секој здив на езерото уште од кога бев мал. Ја знаеме вредноста на езерово, нема цена за него, а нема цена и да го зачуваме за идните генерации“, вели Зоран Спирковски од Хидробиолошкиот институт во Охрид.

Езерото е старо околу 10 милиони години, изолирано од други води. Затоа има риби какви што нема на ниедно друго место. Но, и овде тие речиси беа изумрени, уловени речиси до последна. Институтот на Спировски негува рибен подмладок и секоја година во езерото пушта околу два милиона рипчиња.

„Оваа бела праисконска риба е предок на охридската пастрмка. Неа овде ја има од пред десет милиони години“, објаснува Спирковски.

Таа пра-пастрмка има сродници само на едно место на планетава - во Алјаска. Таму е изумрена и се наоѓа само како фосил.

Со три ипол милиони евра од Германија ќе се заштитува националниот парк

Од пред повеќе од 40 години Волфганг Фремут од Зоолошкото друштво се ангажира во регионот. Од банката Ка-еФ-Ве доби три ипол милиони евра, со кои сака да помогне да се создаде еден прекуграничен биосферен резерват.

„Врз основа на процесот на неговото настанување и на староста, во ова езеро се формирале посебни животни форми, ние ги нарекуваме ендемски, кои ги има само овде и никаде на друго место во светот. Тоа е една специфичност“, вели Волфганг Фремут од Зоолошко друштво во Франкфурт.

Со еден колега Васил Мале го пребарува брегот на албанската страна. Илегалните сечачи на дрва полесно се откриваат од кај водата.

„Се обидуваме да правиме некој вид неполициска контрола, да контролираме како луѓе, да зборуваме со луѓето. Сакаме тие да знаат дека ова е едно сосем специфично катче на планетава, да ги убедиме да внимаваат на езерата и шумите, да не ги загадуваат и да не ги уништуваат“, објаснува Мале и додава:

„Ја сакам природата, а освен тоа и потекнувам од Преспа и овде живеам, па ми е убаво што, кога нешто правам за природата, истовремено правам нешто за себе и за мојот роден крај“.